Во периодот од 1 до 3 јуни, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, успешно се одржа меѓународната MBT конференција посветена на последните технологии во областа на радиодифузијата и електронските комуникации. Организатор и домаќин на конференцијата беше Јавното претпријатие Национална радиодифузија.
Конференцијата МБТ Скопје 2026 претставува еден од најзначајните регионални настани и традиционално ги обединува клучните чинители од радиодифузниот, медиумскиот и телекомуникацискиот сектор, со цел размена на знаења, искуства и современи практики, како и унапредување на професионалната и технолошката соработка.
На годинашната конференција учество зедоа околу 200 претставници од земјата и од странство, меѓу кои претставници на јавни радиодифузни сервиси, државни институции, регулаторни тела, телекомуникациски оператори, меѓународни организации, производители на техничка опрема и експерти од областа на радиодифузијата и телекомуникациите.
Во текот на тридневната програма беа отворени бројни стручни дискусии посветени на актуелните предизвици како што се DAB+, 5G Broadcasting, безбедноста на мрежите, вештачката интелигенција и радиодифузијата, со што се создаваат уште поголеми можности за развој на радиодифузијата во современиот медиумски екосистем. Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на јавните радиодифузни сервиси, примената на нови технологии, како и зајакнувањето на професионалните стандарди во радиодифузната дејност.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, заменик-министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски, директорот на ЈПНРД Јусуф Сопи, како и претседателот на МБТ Асоцијацијата Михаил Јанчич. Неспорен е заклучокот дека дигитализацијата денес претставува неразделен дел од процесот на европска интеграција, додека развиената инфраструктура и сигурните комуникациски системи се меѓу клучните предуслови за стабилноста и отпорноста на државите.
Во своето обраќање, директорот Јусуф Сопи нагласи дека темите опфатени на конференцијата ги одразуваат најзначајните современи трендови и предизвици во областа на радиодифузијата и телекомуникациите, потенцирајќи дека ваквите настани претставуваат значајна платформа за размена на знаења, искуства и добри практики, со што се придонесува кон развојот на современи и одржливи комуникациски системи во согласност со европските стандарди. Тој исто така нагласи дека радиодифузијата претставува многу повеќе од технолошки процес и инфраструктура, истакнувајќи дека нејзината вистинска вредност се темели на поврзувањето на луѓето преку доверба, вистина и комуникација.
Осврнувајќи се на историскиот развој на радиодифузијата, Сопи потсети дека уште од првите антени и радиопреноси кон крајот на 19 век започнал процесот на надминување на географските бариери и создавање нови можности за комуникација меѓу луѓето ширум светот. Тој нагласи дека развојот на радиото, телевизијата, сателитските технологии и интернетот постепено придонесувал за создавање глобален простор за размена на информации, знаења и идеи, потенцирајќи дека и покрај брзиот технолошки напредок, суштината на радиодифузијата останува непроменета и се огледа во човечкиот фактор и довербата што се гради преку непосредната комуникација и веродостојната информација, кои создаваат чувство на блискост и поврзаност меѓу луѓето.
На конференцијата присуствуваа домашни и странски експерти, меѓу кои Jean-Pierre Faisan, BNE (Broadcast Networks Europe), Head of the Communications Working Group, Jacqueline Bierhorst, Vice President of WorldDAB, претседателот на МБТ Асоцијацијата Михаил Јанчич, како и еминентни професори од повеќе универзитети, голем број стручни лица од државни институции и регулаторни тела и, секако, докажани претставници на меѓународни производители на радиодифузна и телекомуникациска опрема.
Успешната реализација на MBT конференцијата уште еднаш го потврди нејзиното значење како релевантна платформа за професионален дијалог, размена на искуства и продлабочување на соработката меѓу институциите и организациите кои активно придонесуваат за развојот на радиодифузниот сектор во регионот и пошироко.